23.12.12

Носталгична (R.I.P. Марга)

На Марга
 
Царевата Ќерка:

Me штрецна нешто во ноќва тиха
да и пишам на друшката два-три стиха.
Конкретно за Марга ми дојде да речам
солзи ми идат, целата течам
што знам оти негде рѓосува сама
а јас со нов стокец изигрувам дама
Нека пукне целото модерно господство
нема боље од југословенско производство.

Бензинот поскапе, а животот мочан
не дава да се скрпи за еден точак
О боже, купи ми мерцедес бенц
имаме точно 100 мјутуал френдс.

Штрафта Мачка:

А са ноќ и мене јанѕа да ме јаде
Кој ли, си реков, од сонот ми краде?
Тоа душата уствари тешко да ти страда,
О подобро јас да влезам со радио в када!!
Знам за Марга како те пече
Стоеден не може таква рана да лече
А ти колнеш живот тежок, сирот
Зар мислиш со пари се купува мирот?
Еве ќе ти кажам и памети до гроба
Марга чиста беше во овој свет на злоба
Иако таа каросерија сина
Залудно низ неколку дожда мина
Бистроста на таа малечка пегла
Скапа е ко во лето ајвар-тегла.
Зар не сме минале в Марга многу дни?
Еднаш, се сеќавам, јас и потонав в сни
Ни од љубов не беше лишена таа лименка
Зар важно е што внатре не се играше криенка?
Она што сакав да го кажам (а се изгубив во стихот)
Те замамил тебе на тагата ликот
Не тажиш по никаква кола главо луда
Ти што способна си да го наапниш и Буда
Срцето тебе ти смекна од радост
За убавата зима од нашата младост

Царевата Ќерка:

ах, како умешно ова го срочи
срамежлива солза ми навјаса в очи.
муабетов не дека не држи вода
(зар за обична кола жал да ме глода?)
од спомени патам, ти убаво рече,
за една зима бела ко исламско кече
кај нашата младост и задната радост
наведнаа глава пред општата гадост
та не беше толку дамнешно време
но преку ноќ зрее младешкото семе
и утрето веќе ни пресекна здивот
штом слетавме грубо во возрасен живот
и Марга, која некако дел беше од сето
не одвезе молкум кон времето клето
и штом дојде време в оглас да ја дадам
од солзи жешки образи со мраз морав да ладам
оти знаев збогум е тоа, не со крнтија бедна
туку со кутија полна спомени една.
Намера немав да е депресивен тонот
но не може секој стих да е ко среќно ѕвоно
та знаеш дека секој поет своите песни
најдобро ги везе срце штом му збесни

(12.08.2012)


No comments:

Post a Comment