23.12.12

Посмртен аманет 1

Царевата Ќерка:

Та има ли жена, ко тебе што нежно
знае да го растопи срцево снежно?
Ти полна си причи, ко детски си роман
на човек не ќе му е досадно, да си му дома.
Сепак пошто решив јавно да постирам
од откривање детали ќе се инхибирам.
но знаеш добро дека твоите доживувања
инспирација ми се за нови римувања.
Зар стварно да објавиме збирка планираш?
Ќе се противам до крај, и да инсистираш.
Него, имам една желба за кога ќе пуштам душа:

попови и жалопојки не сакам да слушам,
ни мермери скапи да ми земате на кредит
ни платена тажачка на гроб да ми седит
не дај боже пченица блага да се дели
ни мрсулавење сакам, ни цвеќиња бели,
сал една желба имам, и твоја е задача
ак не прифатиш, дрога да ти најдат во мокрача:
да ставиш на глава турбан ко Есма
да спремиш од дома една погодна песна
цветен некој фустан да облечеш тесен
и дотерана, чочек да заиграш бесен!
Земја да се тресе од стапала боси
Да речат „Есма може вода да и носи“
Од гроб да ме стане твојот бесен ритам
„Погреб стана свадба“ по весници да читам
со радост кон задгробен живот да итам
среќно да е да се умре на чочек во ритам!

Колку и да ти е ова језиво сега,
од аманет од друшка оставен не се бега
Намерно го оставив на увид пред светот
за да ми го оствариш барањево клето.

Штрафта Мачка:

Била ли некогаш, ко в овој миг, речта твоја толку света
Ако не стресам кук на црната земја нек самата бидам клета!
Зар не е животот танц низ градини цветни ил асфалти пусти
Денес танго под улична светлост, утре чочек со црвени усти
На овој свет се пречекавме со песна што за подобар свет пее
Зошто мислиш дека в молк ќе те пуштам дур сонце дрско грее?
Далеку е тој ден кога ќе отворам небо над нас да те прими
Тесниот фустан цветен ќе чини повеќе од сметки за две зими
Збирка, да, знаеш дека време е за револуција
Не сфаќаш дека за поезијата ние две сме еволуција?
Рушиме правила, ќе речат не сме поетеси прави
Ко домаќинка што колбас в грав во петок ќе стави
Па и нека! Зар стихот се пишува со узди и оков?
Му се верува ли на учител што вели - напиј се од соков?!
Не! Затоа нек пијат нектар смртниците без душа
И утре ако те нема, нека светот цел ме слуша!
Сите ќе не нема, ќе не јадат црви бедни
Се прашувам, дур сме живи, стварно сме и вредни?
Штом танц и песна не водат низ мрачниов тажен свет
Дур сме живи ќе си даваме по еден нежен цвет.
На онаа страна не чека нешто, што име нема ни форма
Но нема да се случи да се појавиме горе без статут и платформа
Велиш, роман-случки тебе ти се чинам
Но така знам, ил приказни, ил гинам.
Што е друго важно, о жено света на срцево рана
Животот се живее тука, приказната се пишува в кафана...

(02.11.2012)

No comments:

Post a Comment