23.12.12

За матката, мажачката, блудот и конвенционалните поети

Штрафта Мачка:
што ли те топли в овие ладни дни
дал будна си ил хибернираш в сни?
зар толку брзо животот мине в зима
па време се нема ни за една рима?
јас да ти кажам, топлам тука снага
студ ли ме чека, назад таму драга?
него... цел охрид решил да се жени
исто и јас, штом календар се смени.
мојата матка се затвора ко паричник
време е за свадба, тука или галичник.

пуштив оглас, домаќин си барам
гаќи да му крпам, манџа да му варам.
да му родам седум стројни сина
и по некоја ќерка, на мене фина.
и сега ак ми речиш - кај си ти за мажачка
јас ќе те молам, не звучи ко тажачка.
луѓето ете, не се менуваат ко од шала
светот чинам, нов поредок си бара.
па штом чуеш дека некој маж вреден
сака со жена живот да дели беден
и ако тој има мисла лева, јасна,
шест сум прста отворена, ко кобила расна.

Царевата Ќерка:

ах сестро драга, што мака те снајде
да решиш така дека маж треба да најдеш?
па има ли боље од млад сингл живот
промискуитетна да си и да локаш пиво
да шмекаш во диско момци убај млади
дал црни, дал смеѓи, дал со долги бради
со сексуален живот да експериментираш
да нема каење, дури и кога не бираш
во секоја крчма да стапнеш со чизма
и светот да е матен, но во уба призма
но не! ти би се задомаќинила, луда?
да смислуваш за готвење по триста чуда
цело стадо деца да бркаш по дворој
со кал да ти се враќаат штом дожд паѓал в порој
ти би секој ден на мажот да му миеш пети
да си вадиш очи со старите му клети
зар луда си станала и каде ти е умот?
и венчаница да н' одбра, или кој ќе биде кумот?
јас не би била реално вистинска другарка
ако те пуштам да се мажиш дур не станеш старка.
та пред нас е младост, и живот не чека!
за свадба ако чујам, ќе се фрлам во река
(и тоа во Вардар, за од бактерии да цркнам
а ако преживеам, во вена ќе се фркнам)
јас дури сум жива и во климакс дур не влезам
на твоја свадба нема шанси да се мезам
та попрво во црнила ќе дојдам сета
и со солзи ќе ја колнам судбата ти клета.
но џабе зборам, секако маж не ќе најдеш
освен со некој шупак ако не се снајдеш
та тие што се арни, и за тебе вредни
денес ги нема - дај помири се и седни.
јас мажи знам многу што невеста си тражат
но со нив ни најбедните жени не се мажат
па уште и лев да бил, уште и јасен
каде ли живее таков херој красен?
јас да знаев таков, да ти кажам право
и сама би му го варела гравот...

Штрафта Мачка:

оф... ти строго ми судиш што живот решив да сменам
за блудности зборвиш дур плетам пред да дремнам?!
можам и да повторам ако лошо си ме сфатила
не значи дека сум ќелава ако сум коса малку скратила!
ме отпиша од живи штом спомнав живот в скутник
а си дочекав старост со живот на будник...

уште си млада и нозе ти трчаат ко на антилопа дива
а јас в антилопски влечки фарбам побелена коса сива...

ти јадра, со образ румен младалачки
јас месам в кујна ко адријана алачки

тебе ти симнуваат ѕвезди млади мажи в полна потенција
дур јас престанувам да водам календар со месечна евиденција
 
 

Царевата Ќерка:

ти знатно ме изненади со вакви чудни стихови
ова не е наш стил, не сме такви ликови
ти знаеш дека нејќам многу нејасни пароли
ко што нејќам скапи западњачки коли
исто нејќам да западнеме во фејк авангарда

(кога глеам такви фаци, пукам ко петарда)
не се апстрактни глупости нашите песни
за конкретни нешта пишеме, за животи тесни
не пишуваме песни за интелектуалци
од начитани луѓе не чекам кренати палци
ние сме од народски луѓе инспирирани
сите да не разберат, не ко да сме дрогирани
обичниот човек мал, какви што сме ние
од тие надувани ТВ фаци не може да спие
за мене би било најголем и смртен срам
од венко андоновски да земам автограм
или од некој друг кретен арогантен, лигав
да добијам рецимо рецензија на книга.
што знаат големите и славни писатели
за животите на нашите обични пријатели?
што знаат популарните поети
за на народот секојдневијата клети?
кој воопшто му ја сфаќа поезијата на Гиш?
кој го боли за духови, за небеси и плиш
кога мора да работи од 9 до 5
(или од полноќ до сабајле, ако е шанкер у Балет)
јас такви стихови нит поштувам нит пишам
нов мора да се смисли стил, а старите да се бришат
ново е време, мора да сме прогресивни
ти сосем малку забега, па земи здив и стивни
и пиши ми стихој што в срце ќе ми се вмрежат
од што се смешни да плачам, да се смеам од што тежат...
 


Штрафта Мачка:

офф.. ко да не знам колку лошо мисла ми тече
и не остарела, пак за мене некој ќе рече...
ти се чини лесно се крпи ден за ден
и живот се живее ко човек слободен
знам, ко вчера да беа тие ноќи красни

умешни бевме од кошмар да сториме басни...
о, немаше маж што можеше да не спречи
и немаше коњак шо вредеше да се сечи.
го читам твоето слово што блика со храброст
и нема да лажам - ме облева радост.
та уште се лажеш - млада си жена стројна
што на старота грда и објавува војна.
о, свести се аман, дур не е касно драга
ако не веруваш - пробај направи шпага.
не барај од мене страст за нови авантури
други имам гајлиња (тапацирање гарнитури)
та вака смислив, еве ќе сум јасна.
штедам за мала нива и кобила расна.
та в село се живее на стари години
нек се бунат до утре моите роднини.
в белчишта ќе си постелам една уба спална
со згодна изолација (за да не сум популарна)
да живам мирно со моето маже
ак не сторам така, ќе си врзам јаже!
и штом сфатиш дека ништо друго нема смисла
помисли ја и ти мојата мисла.
може немам спрат од куќа модерна
ни по хасап систем најнова рерна
но имам карти и чај од нане
проклета да бидам ако тоа ти е срање!
зар уште си за в диско со бубрези голи?
немој да се жалиш кичма штом те боли.
прибирај се, стај си прст на чело
и под рака со мене, на живот на село...
 

No comments:

Post a Comment