23.12.12

Посмртен аманет 2

Штрафта Мачка:

ми пиша ти еднаш во стилот на хомер славен
што штом те снема и ликот ти биде заборавен
та сега мене ми е редот аманет да оставам свет
штом го напуштам славно животов клет
и јас нејќам поп, ни слични жални простувања
па после на гроб да ме честите со гостувања
нејќам ни телото да ми гори в огниште врело
и правта да ми ја чувате во кутивче бело
ова мое тело стројно да трае вечно барам
а идејата што ја живеам в книга ќе ја ставам
препарирај ме жено, друшке на срцево врежана
и мртва да сум при тебе, ко при принцот снежана

наполни ме со гипс, со вар сочувај ме каква што сум
да останам цела ваква, имај си на ум
ако в борба загинам, што може да се случи
собери ме од фронтот - и тоа се учи
ако болест ме прегрне и заминам во сон
разгласи со песна од грлото ко ѕвон
ако се случи пак да исчезнам, се на светов бива
ти најди празна нива и посади слива
ете може и јас звучам малку мрачно и болно
но при чиста свест ти пишам, шо се викат - доброволно
ете така, моја животна другарко знај
препарирање е последниот збор штом ми дојде крај.

Царевата Ќерка:

Ох, зар можам да ти речам не
кога на вечна лојалност врзани сме?
Сепак ќе ја изложам мојава теза
дека целиов концепт ми набива језа:
зар ти, со твојта убост и харизма,
откако ќе паднеш под непријателска чизма
да се најдеш некаде во мојата дневна
пред колекцијата од гоблени древна?
та така, како препарирана мечка,
од стан во стан при преселби да те влечкам
и домот да ми биде ко ловечки клуб
со животински глави изложени на стуб?
И човек штом ќе стапне во станчето ми мрачно
да види жена жива и да рече: дал е тачно
дека оваа лика жива не е, пулс нема
и ти сеуште ја чуваш, откако бог ја зема?
Зар не ќе личам малку како споулавена
пред луѓено, со мртва биста таму ставена?
Јас и да те препарирам, да речеме дека можи
твојта мајка со тоа никогаш не ќе се сложи.
Сепак, ако аманет е по смртта да си биста
јас ќе морам, совеста да ми е чиста!

Штрафта Мачка:

О, прости мила,
не си спомнав јас никаков гламур ил стил,
нит помислив на везани гоблени
во домот ти топол и мил.
Нежните твои ножиња бели
тонат во персиски тепих сив,
зар на господата гости (полна со гипс)
на влегување да им земам здив?
На ноќните чајанки кај тебе в салон
штом со блиските драги читаш песни
мојто тело препарирано крај каминот
да те тера на лудост и лекарства лесни?

О, прости...
Не си спомнав за животот идиличен
што да се живее чека.
Па штом е така, стегни заби, фрли ме в река!
Ха-ха! Грохотно се смеам со сета душа!
Дека не сум украс убав, тоа ли од тебе слушам?
Па подобро роб да бидам,
жртва на работничка експлоатација,
отколку да ги предадам градите така
на кучката наречена гравитација!
Ветувам, можам да ти бидам само разубавување
во домот кој ко и сите е други
кула-карти лесен за уништување.

Еј, види каков свет надвор ни градат,
од коските ни гризат, од месото ни јадат!
Дотогаш, дур смртта ме стаса,
знаеш ли в каков кошмар ќе живее нашата класа?
Затоа прво користев иронија
се плашам да умрам од болеста моронија.

Не плаши се од никаква бизарност ниска,
општеството е само криво што ми стана толку блиска.
После ќе се мислиш дал ќе те прогласат за луда,
дур нивната лудост ја продаваат ко чуда.
Ма плукни на се' што досега си знаела
си пушела си пиела, па еднаш и си крадела.

Но ајде, веќе премногу од песната стана.
Место да те смеам, ти копам по рана.
Но дур не видам сонце над нашето небо - олово
ак умрам, да умре со мене и словово!
Па крени чаша, живели да слушнам!
Уш еднаш пред да умрам, другарите да ги гушнам.

(22.11.2012)

No comments:

Post a Comment