23.1.13

Во борба! (на суети)

Special guest star Билобил Форте

Чин I 

Царевата Ќерка:

о, каква ли ме дамла стресе
што на ѕид ме дочека стих пресен
а истиот од радмила да не е.
од нигде никаде, маж стихови пее!
и тоа не било какви, дебилни
туку мошне солидни, наместа силни.
со невидена елеганција срочени
луѓе - со нов поет сме соочени!
извинете вака што упаднав грубо
за зло не е, ами за убо.
да не звучам по малку арогантно,
но штом видам вакво дело фрапантно
све си мислам дека заслуга е моја
и на мојава сестра Радмила која
добро знае дека наша е мисија
да го шириме семето. Сега ти земи си ја
таа крилатица како мото свето
и со неа удри по злото клето.
сепак за да бидеш дел од нашиот блог
треба во стихови да го надминеш и Бог
долго да се покажуваш за стихови цар
а дотогаш ќе те постираме како guest star.

Билобил Форте:

Кротко сестро, диши ќерко,
не плаши ми го срцево меко.
Не може ли маж стихови да срочи,
не може ли да има искра во очи?
Признавам Раца муза е моја,
и на тоа секогаш ќе стојам.
Семето е посадено, а коцката е фрлена,
хартијата бела моја веќе е испрљана.
Враќање нема, нема ни крај,
ќе бидам цар а ти што сакаш прај.
Со Руми во срце, и Хајам во душа,
од усниве мои поезија ќе се слуша.
На блогот ваш солиден и славен,
напрајте место за автор главен!

Царевата Ќерка:

о, штотуку од пеплишта се крена
и одма се мисли силен ко стена,
вчера научи како се слага слогот
а автор ќе се правел главен на блогот!
каква дрскост, каква суета!
еден ваков почетник в облаци да лета!
признавам, малку ме погоди по его
но сигурна во себе, не се плашам од него
а сепак до некаде и го почитувам
поради песниве му красни што ги препрочитувам.
симни се на земја, млад поету
запрашај се: што да опевам, свету?
и расти го во себе тој поетски дар
но суетата нек не те престори во чмар.
тргни ги од ум за блогот амбициите
бесплатен е Блогспот, укинати се рестрикциите
и свое од пепел издигни дело
та со него перчи се пред цело село.
а дотогаш цени што да гостуваш ти даваме
и што со красни зборој за песните ти расправаме
оти честа ја имаш да се споиш во кохезија
со основачките две на разговорната поезија.
 

Билобил Форте:

Полека Ќерко па и Царева била,
па ти одма фати на сила!
Бев сигурен и силно удрив на маса,
ама не знаев дека Царевата Ќерка знаела да каса.
Со сестра ти твоја договорете,
пред некоординирано да проговорете!
Една достави покана,
а другата од земја ме рокиња.
Се чувствувам ко Ѓорѓи сардисан,
а се понашам ко скроз далдисан.
Блог да си отворам сум доволно писмен,
Па не е ваљда и тој од вас измислен.
Ама не се пиши поезија разговорна,
на празна страна спротивна.
Тргни го настрана своето его,
и дозволи ми да се изразам смело.
Вакво насилно расположение
не се толерира во нашето движење.
Наместо против системот поган да се насочиш,
ти другар во битка ќе распарчиш!
А вашата разговорна поезија,
ми делува ко ефикасна анестезија,
реалноста ич не ја перцепирам,
и од суровиот свет вака се изолирам.
  

Царевата Ќерка:

о среќа твоја што морам да спијам
па ноќва нема низ душа да ти ријам.
утре ќе проговори стихот мој зол
по ова, заслужуваш да те сторам сол.
тешки ми зборови упати брате
нервозен си ко од битка да си вратен
и за моето делување изнесуваш лага
но се чини си ја потценил мојата снага.
ние сме може во борбата другари
но еден кон друг сме ко срби и бугари
(а раца е ваљда македонија мала?)
одам да се повлечам во својата штала
а ти утре чекај збор од мене кобен
и размисли ноќва, дал беше многу злобен.
 

Билобил Форте:

Во исчекување на твојот стих поган,
да спремам одбрана морам.
Нервозен не сум се лажеш,
дека спиеш само малку сум тажен.
Како се осмели мој стих да наречеш лага?
Па зарем само ти имаш таква вага?
Пишуваш за бугари и срби,
стихови – жални врби.
Раца оставија да жали таа мила,
за расправии наши нема сила.
За закани кобни имаш ти смелост,
без да ме разбереш во целост.
Пукај Ќерко со што сакаш,
да ти одговорам ич не ми е мака!
 

Чин II 

Штрафта Мачка:

Во животов сум пишала балади бројни
Опевав и љубов и најстрашни војни.
За нежности пишував во љубовни игри
Страсни средби на нескротливи тигри.
За скршени срца и џепови празни

За системот суров што душа ми дразни.
Но чинам ко сега сум немала солзи,
Од очи ми течат ко од виме што се молзи.
Еве пример за светот да се свести
Се колат борци дур окупаторот се мрести!
Јас, обичен смртник, давеник на светот сам
Што сакав да споделам од срцето бар грам
Останав без машината
Што ми ја чуваше интимата.
Ко граѓанин што плаќа данок невозможен,
Ко разумен човек за кој ќе речат - безбожен,
Така станав пример за неправдите лоши.
Зар може на човек да не му се слоши?
Може - на капиталистичките олоши!
Бедата на сета моја агонија
Ја искажав пред вас без ронка иронија.
И другарски ми дадовте поддршка на кратко
Да се борат суетите изгледа е слатко.
Па наеднаш веќе важност нема
неправдата што на песнава беше тема.
Сега се борат поетите разважени
Ко стари моми никогаш омажени
Чија рима била пооштра од сатар,
Пред портите лирски кој бил појак вратар.
Се борат сега ко Оберон и Титанија
Не им е важна земската тиранија.
Аку, копајте си очи, вадете си душа,
На почвата плодна направете суша!
Не малку се погони што произведуваат делови
Кај што работат деца место да си играат по брегови.
Ќе ми склопат утре нова машина.
После стихов очекувам тишина...

За отровни рими си напрајвте ситуација
А само јас сум тука поет по вокација.
Веднаш другари подајте си рака!
Душава да најде мир, и таа си сака...
Утре штом чукне часот за гнев
Да одиме против тие што тука сеат грев!
И да не дојде време такво дур сме живи
На децата наши да им остајме плодни ниви.
Па молете небо за лаптопот да се крене,
Оти ако остане така младост ќе ми свене.
Сета работа во која се вложив,
Сите дела што од мисли ги сложив,
Архиви од слики од нашите моменти,
Филмови за кои не постојат торенти.
Дипломски труд за Петре М. Андреевски
Бројни есеи за дождови есенски.
Планови да се менува светот чуден
Да разгори оган во човекот студен.
Па дур не подадете рака, јас стих нов нема да кажам.
Ми кршите срце, а мислите дек ве лажам...
 

Билобил Форте:

Знам дека немаш дух ти ладен,
да оставиш народ за твој стих страден.
Де бе Рацо не биди дете,
знаеш дека ве сакам многу и двете.
Ако ти си на толку голема мака,

еве ја прв ќе подадам рака.
Ќерко Царева за сè извини,
и за моите неумерени рими.
Да закопаме секири и отровни стрели,
па во борба заедно сме нели?
Да споиме стих и обединиме сила,
да изградиме од светот преуба идила!
Да отвори очи народот слеп,
да види дека животот е повеќе од леб!
Да се бориме за деца напатени,
што склопуваат машини позлатени!
Да се избориме за нивното право
да доживеат длабока старост!
Секое дете каде и било,
да го спасиме од ова сивило!
Да уништиме душмани алчни и бесни
и нивните игри нечесни!

Ќерко ти царска, знам имаш сила,
да подадеш рака, па и неволна била!
Кажи ми сега, ама биди јасна,
дали нервозата кон мене ти спласна?
 

Царевата Ќерка:

клети да сте што сте толку добри
што во бајчиња се престоривте од кобри.
човек кога со вас да се скавга сака
секирата сама ќе му испадне од рака
ко исус го вртите другиот образ

заборавив веќе дека од вас барав пораз.
а ете, што убаво си почна расправијата
но збор мил ми пративте и ми излезе чивијата
омекна срце, душа отвори врати
кој лош збор ми кажал, не барам да плати.
опростувам умно ко мајка тереза
и раскинувам секаква непријателска веза.
опростувам, но само на другари мили
а смртен сум непријател на владејачките сили!
ми ги знае Раца страните слаби
и знае колку презирам со стиснати заби
човек што од дете труд експлоатира.
но не сакам од страна само да критизирам!
од зборови деца не ќе видат аир
ни тие во Африка, ни тие во Чаир
и самите ќе си живееме бедно
ако не решиме што ќе биде следно.
другари, стиховите нека не мотивираат
да ги згазиме тие што не манипулираат
да не се сториме арогантна интелектуала
да не сме продукт на лажен лев калап.
и тој што да владее сака да го уништиме
и против секој лидер гневно да вриштиме
без компромис да им извадиме маст
на тие со скришни амбиции за власт.
на народот мал, не да бидеме заштитници
и милостиња да делиме на бедни и скитници
туку да сфатиме дека од луѓето сме дел
бедните знаат дека имаме заедничка цел.
зар не е веќе време да се организираме
да сплотиме сили и да испланираме
како од ропство да излеземе сами
отпор да пружиме на крволочни ламји
на наш грб што прават профит крвав?
јас во таква борба ќе се пуштам прва.
но да не не трујат страв и глупа мрза
секој газда да не пороби брза
во штрајк да не се плашиме од џандарски платеници
предолго сме веќе сироти маченици!
 

No comments:

Post a Comment