17.2.13

Ода на бедата

Царевата Ќерка:

Интернет снемав и баш се бедирам
Кај да најдам пари долг да подмирам
Та тој да е само арно ќе беше
Во државава за да ти е статусот решен
Само парајлија да најдеш треба
Некое старче, вообразена амеба
Во 6 да е будно, во 8 да зева
Секс штом ќе спомне да истуриш црева
Знам, гнасно звучи, но не една дама
Завршува вака, да не остане сама
Или гад некој на пари што спие
Или тоалетни школки ќе трие
Избор ли е тоа, да му се мочам?
Гнасни зборој ми иде да срочам.


За мене сепак сестро, немај грижа
Татка не ме учеше пред срања да мижам
Ниту за убав живот нозе да ширам
Ниту да прифатам меѓу две зла да бирам
Фатија учењата негови корен, да речам
Глава да не ведињам, пред друг да не клечам
А сепак штом штрајк му спомнам, ил протест
Грижи му ја мачат старечката совест... 

Ние сме деца на титова младина
Со еден ум гоена, ко расад во градина
Во еден правец учена да гледа во страв
Ко малечки зајци преплашени од лав
Зачнати сме во хаотични времиња
Во транзиција пркнуваа нашите семиња
А титовата младина, тие што не` родија
Со трепет и несигурност низ детство не` пребродија
Па израснавме да бидеме трула генерација
Не научија да се плашиме од пендреци и рација
Од деца да висиме по партиски штабови
Кичми да ни виткаат како дрвца дабови
Во школска да седиме клупа без збор
Без прашање да не излегуваме од двор
Не учеа на покор и на дисциплина
За секоја љубопитност – чувство на вина
Учебниците ко библија неприкосновени
Со непристрасни имиња беа насловени
Но од збор до збор не труеја со идеологии
Не тренираа за про-државни демагогии
За послушни граѓани не програмираа
За утре од наша пот да профитираат
Труд да продаваме за никакви пари
Од 8 до 5, дур не овенеме стари
Робови на банки, за воздух да плаќаме
Секој земен денар стократно да го враќаме
А дома штом пристигнеме мртви од умор
Да се одмараме со амерички хумор
И сапунски опери, и малце ТВ вести
Колку трева фатиле и кој на светско бил шести
Да не заковаат ко амеби во фотеља
Затворени во домот, ќе се чуваме од беља
Јади, спиј, работи и консумирај
Плати факултет, на време дипломирај
Омажи се во црква, не абортирај
Најди работа, биди вреден, не вегетирај
Со забранети мисли не експериментирај
Ползи и робувај, само егзистирај...

О сестро златна, до кога ќе сме млади?
Од потта наша друг до кога ќе се слади?
Кога ќе се прејде црвената линија?
Кога ќе претече преполната чинија?
Дур не ме пороби животната рутина
Деца дур не народам, младост дур не скинам
Работа дур не најдам да отплаќам кредити
Сакам јас да чујам дека сме веќе сити.
Дур на грбот немаме фамилија гладна
И работа од која ги храниме, гадна
Дур слобода имаме да ни е духот пргав
Да ја пуштиме бесната младост да грга
Да исчисти плевел, да посее семе
Да создаде простор за идното време
Да роди нови луѓе, храбри и мудри
Младина спремна по гнасите да удри!

Штрафта Мачка:

Ко глад што гони сиромав, те гонеле мисли темни
И в стих исплете тешки зборој, печат на маки земни.
Потпис редам татков пред секој кажан збор
Но генот што ничиј во мене спие, има и тој одговор.
Од кај таа сила да ококори човек очи слепи
Да моли да трча по незнајни чисти степи?
Умор да нема штом вистини нови негде ќе сети
Срце да чука штом живот нов ќе открие и вети.
Во нашите школи се учеше за она што било
А што може да биде, нив не им е мило!
Се трупаат мудро триста чуда в страници клети
Физиката на новата ера, на старата – книгите свети.
Не знаеш соединенија и питагорова теорема
Јазик туѓ учи и поезијата дека има шема.
Одговори на прашање, заокружи што е право
Оди исправено ко жена и храни се здраво.
Повеќе има од тоа? Не прашувај, учител ќе рече.
Наведната глава сабја не ја сече.
Пуши, пиј, се со мера
Земи апче штом притисокот се крева.
А дал во тебе гори оган на вистината
Неважно е, не барај вода во пустината.
Што бараш повеќе од тоа што се дало?
Биди среќен ак имаш малку сало!
И глеј, се раѓаме обележани, припадници на племе
И вера ни дале веднаш, ѓавол дан не земе.
Со крст не галеле и пеена вода
Па обетче на уво, верници со мода.
Но мене ме мачи она што за нив значи бегство
Ти го опеа веќе кутрото ни детство.
Штом црно се развее знаме и се плука на марксизмот
Те грабаат за душа ко власт во комунизмот.
Деца сме врзани со окови за традицијата
Сал чекор напред – ете ја полицијата.
Лице велат немаш штом ликот в огледало ти смета
Ако везден не се мијам од таа школа, сама да сум клета.
Од кругот огнен ќе излеземе ли живи
Ќе најдеме ли постела отаде родни ниви?
Се што откривме, ќе живее ли надвор од страниците
Ак не, ќе ни дадат бар место во болниците?
Што ќе оставиме за децата и нивните соној
Езера чисти ил неба раздивени в громој?
И нашата вистина денес нема лице јасно
Што е право – не знам! Ти признавам гласно!

No comments:

Post a Comment