5.1.13

Една е баба

о, зар вреди да се живее живот
без добро друштво, храна и пиво?
-ова беше публико драга, вовед во мојата елегична тага..
имам јас многу да пеам
дал се' да кажам пред вас ќе смеам?
јас многу често од глад сум тажна
зар со сварени виршли да се правам важна?

човек што долго живее сам
опериран е од секаков куварски блам.
а штом в мојот дом од далеку се вратам
о, боже, не престанувам да патам.
мојата мајка модерна е сета
да може за ручек ќе ми даде таблета
татко ми е човек од по кафани
нарачува ќебапи ил пржени салами.
оваа кујна во нашиот ресторан
тажна ми е без домашен готвачки бран.
о, бабо кутра, да беше жива
да ми намачкаше лепче со слатко од слива..
но ти си замина на небото да куваш
им готвиш ли гравче ил компир со гулаш?
си замина без рецепти на лисје
завиваме дома гладни ко рисје!
твојата мусака беше од злато
друг компир за мене е блато.
штом фатеше брашно со тие дланки
месеше кифлиња тенки ко сламки.
често прамен од косата твоја
пловеше дрско во супата моја.
а тоа ли може да ме спречи да јадам?
бесрамно од сите пајнци ќе крадам!
летна манџа, јајце на око,
во твојата кујна и млеко од сокол.
често нешто ќе подгореше црно
ил в леќа ќе пловеше незнајно зрно.
но ниедна пајнца не остана гнасна
макање со лепче - забава јасна!
о, бабо, тие раце твои
се' уште готват во сништата мои.
таранче со крајчиња црни, леле
губички крцкави умов ми го зеле.
о, боже, врати ми бар ден
на бабината трпеза со свински плен.
орифче со пиле, па крофнички слатки,
кој ли да знаел дека деновите се кратки...
сакам бар уш еден домашен џем
топла палачинка со грст еурокрем.
ајварче топло, испржено денес,
да те видам да мешаш ќе летам до велес!
овие модерни ручеци тука
во споредба со твоите се жива брука.
ах да бев способна бар малце
сите тука ќе ги збувнев со салце.
но еден ден ќе смислам концепт,
во твоја чест да направам рецепт.
храна што се памети во денови вечни
исто ко твоите колачиња млечни!!

No comments:

Post a Comment